24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Владата на Македонија денеска одржува свечена седница по повод 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. На настанот ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски, кој веќе синоќа заедно со првиот заменик-претседател Изет Меџити и владина делегација присуствуваа на свечен прием во чест на годишнината.
Договорот беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно од тогашниот претседател Борис Трајковски, премиерот Љубчо Георгиевски, лидерите Бранко Црвенковски (СДСМ), Имер Имери (ПДП) и Арбен Џафери (ДПА), како и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.
Со овој документ беше ставен крај на вооружениот конфликт од 2001 година. Договорот ги вклучува прекинот на непријателствата, децентрализацијата, недискриминацијата и правичната застапеност, како и прашања поврзани со образованието и јазиците.
Во изминатите 24 години се донесени над 130 закони и измени поврзани со имплементацијата на договорот. Од нив, 59 се однесуваат на недискриминација и правична застапеност, додека 40 се во областа на идентитет, култура, образование и децентрализација.
Во основните принципи на договорот се нагласува отфрлањето на насилството за политички цели, зачувувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата, како и нејзиниот унитарен карактер. Исто така, се потенцира важноста на мултиетничкиот карактер на општеството и развојот на локалната самоуправа.